Хрватска деновиве ја погодија обилни дождови кои предизвикаа поплави во некои градови. Во Обровац состојбата денеска е нешто подобра, а вицепремиерот и министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ вели дека нивото на водата моментално се намалува.

Во Босна и Херцеговина ситуацијата е загрижувачка. Обилните врнежи го загрозија подрачјето на кантонот Уна-Сана, а поради излевањето на водата, ситуацијата е отежната во Бихаќ, сообраќајот е во прекин во областа Кулен Вакуф, додека сирените се огласија во Сански Мост и е прогласена состојба на општа опасност.

Во Обровац за само 24 часа наврнале 250 литри дожд на квадратен метар. Водостојот на реката Зрмања во Обровац вчераутро достигна историско ниво од 302 сантиметри, што е дури 39 сантиметри над највисокиот водостој на оваа река измерен во тој град.

Водата се излеа на улиците и се проби во историското јадро на градот. Тешка е ситуацијата и во Грачац.

Божиновиќ вели дека сите служби професионално си ја вршат работата и дека останува да се види како ќе бидат ангажирани дополнителни сили во наредните денови, јавува Нова.рс.

„Денес ситуацијата е подобра. Врне, но нивото на водата опаѓа. Ситуацијата зависи од тоа што се случува на Велебит. Важно е и што се случува со Отуча и другите реки што се влеваат во Зрмања. Зрмања се издигна како никогаш досега во историјата“, рече Божиновиќ.

Поради покачување на водостојот на реката Уна во населените места Рипач и Покој во Босна и Херцеговина, во прекин е патната комуникација за пешаци и отежнато е движењето на возилата. Во поширокото подрачје на градот Бихаќ загрозени се викендички и куќи покрај реката, каде вода вчера навлегла во помошни објекти.

Поради интензивниот дожд и покачувањето на нивото на водата во Сански Мост синоќа е прогласена состојба на елементарна непогода.