Рој Кин во безброј наврати го има критикувано Пол Погба и покрај тоа што го признава извонредниот фудбалски потенцијал и техниката која ја поседува Французинот, но дефинитивно, најголемо внимание привлече заклучокот од пред пет месеци кога нагласи дека тој никогаш нема да биде лидер.

Ваквите зборови на легендарниот капитен на Манчестер Јунајтед станаа доста популарни на социјалните мрежи, бидејќи всушност се вистински контраст за објавеното видео кое стана вирално во изминатите неколку часа.

Франција во неделата ја победи Шпанија во големото финале во Лигата на нации во одличното второ полувреме кое го гледавме, а кое според објавените снимки, било инспирирано од говорот на играчот за врска во соблекувалната.

Покрај Дешамп, Погба го имал главниот збор во 15-минутната пауза како еден од најискусните во тимот, издание со кое потврдува дека сепак знае да биде лидер на француската фудбалска репрезентација.

– Мора да бидеме агресивни! Се започнува од играчите во нападот, мора да вршиме пресинг. Да ја освоиме топката во нивната половина и да нападнеме. Ќе мора да трчаме многу, тие имаат многу квалитетни играчи, но мора да го направиме тоа. Кога ќе ја добиеме топката, да ја задржиме и да ги повредиме. Во второто полувреме, мора да бидеме многу поагресивни, – побара Погба од своите соиграчи кои на крајот победија 2:1.