Македонскиот машки ракометен првак на стартот од новата сезона во СЕХА лигата е поразен од хрватски Нексе со 25:24.

Гостите од Нашице добро го отворија натпреварот и во првиот дел беа во постојана предност која во најголемиот дел се движеше меѓу два и три гола, а на момент Нексе водеше и со четири погодоци разлика.

Црвено-црните имаа одличен почеток на второто полувреме. Во првите три и пол минути ја анилираа предноста на противникот од два гола и поведоа со 15:13.

Сепак составот предводен од новиот тренер Давид Дејвис не успеа да обезбеди поголема предност, а до крајот на мечот се играше гол за гол во која двата тима се менуваа во водството.

На пет минути пред крајот Вардар водеше со 23:22, но гостите со серија од 3:1 во завршните секунди влегоа со предност од 25:24, а нашиот состав во последниот напад не успеа да се избори за нерешен резултат.

Најефикасни во редовите на македонскиот првак со пет гола беа Тимур Дибиров и Јоел Моралес, а по три пати прецизни беа Оливие Ниокас и Гоце Георгиевски. Голманите Борко Ристовски и Мартин Томовски комбинирано имаа седум интервенции.

Во гостинскиот состав прв стрелец со шест гола беше Фахрудин Мелиќ, а голманите Доминик Кузмановиќ и Михајло Радовановиќ забележаа вкупно 13 интервенции.