Лутите ривали кои освоија најголем број гласови на последните парламентарни избори во Бугарија, партиите на Кирил Петков и Бојко Борисов, се договорија земјата сепак да има политичка Влада. Партиите ГЕРБ и „Продолжуваме со промената“ се договориле Бугарија да има влада во наредните 18 месеци. Во првите девет месеци, премиер ќе биде предлогот на Петков, односно Николај Денков, а вторите девет месеци предлогот на Борисов, доскорешната еврокомесарка Марија Габриел. Гласањето во Собранието на новата Владата се очекува наредната недела. Приоритет, како што на заедничка прес-конференција најавија двајцата кандидати за премиер, Денков и Габриел, ќе бидат реформите во законодавството и простапувањето кон Шенген.

„Во првите девет месеци предлог за претседател на Владата сум јас, а вицепремиерка и министерка за надворешните работи да биде Марија Габриел. Останатите девет месеци, премиерка ќе биде Марија Габриел, а јас би ја презел функцијата вицепремиер. Промените во првичниот состав во гарнитурата и на структурата на Владата ќе се прават само во согласност со двете страни“, рече Денков.

Прикажи повеќе