Британската влада се очекува денеска да ги претстави планираните закони кои ќе ѝ овозможат на Британија да промени делови од договорот за Брегзит. Посматрачите проценуваат дека ќе бидат потребни месеци за да се усвојат таквите закони, но едностраниот потег на Лондон ќе ја налути ЕУ, која ќе возврати со правни потези и потенцијални трговски санкции. ЕУ е најголемиот економски партнер на Британија. Британскиот премиер Борис Џонсон вчера уште еднаш се закани со еднострано менување на договорот за Брегзит со Европската унија, која ја обвини за политичката криза во Северна Ирска.

Џонсон рече дека би било „неопходно да се дејствува“ доколку ЕУ не се согласи да ги ревидира трговските правила по Брегзит, за кои Лондон тврди дека ја нарушуваат деликатната политичка рамнотежа во Северна Ирска. Република Ирска, членка на ЕУ, предупреди дека едностраниот потег на Британија може да го загрози целиот трговски договор меѓу Брисел и Лондон за периодот по Брегзит. На минатонеделните парламентарни избори во Северна Ирска, најмногу пратенички места освои ирската националистичка партија Шин Феин, која се залага за обединување со Република Ирска.

Прикажи повеќе