Македонската репрезентација во традиционално карате освои вкупно 12 медали на Европското првенство во Белград, од кои по пет златни и сребрени и два бронзени.

На првиот ден од шампионатот во Белград со сребрени медали во дисциплините кихон ипон кумите и џиу ипон кумите се закитија Камелија Недев, Матеј Мангаровски и Марта Димковска. Дополнително, Камелија Недев освои бронзен медал и во кати за деца како и Софија Јарчевска во кихон ипон кумите за деца.

Успешниот настап продолжи и на вториот ден во кадетска и јуниорска конкуренција кога медали освоија Антонија Белазелкоска во фукуго-јуниорки и Мила Младеновска во фукуго-кадетки.

На завршниот ден во сениорска конкуренција, Дејан Недев освои златен медал во кати за сениори, што за најуспешниот македонски каратист е вкупно осма европска титула во кариерата, Јадранка Недева освои три златни медали во кати, кого-кумите и фукуго, женскиот Ката тим, исто така, освои златен медал, а Емилија Јанчевска се закити со сребрен медал во кати за сениорки.

На ЕШ во Белград учествуваа над 750 каратисти од 20 земји. (МИА)