Британскиот премиер Борис Џонсон напиша писмо до украинските деца, нагласувајќи дека тие се пример за другите деца и дека Велика Британија никогаш нема да ги заборави.

Тој напиша дека да не била таквата ситуација, тие сега би излегувале со пријателите после училиште, би играле фудбал и би уживале во безгрижниот живот.

„Но, ова е посебна година за вас“, рече Џонсон, пренесуваат британските медиуми.

Во писмото се споменува неговото патување во Киев, каде што во април се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, пофалувајќи го одлучното лидерство и големото херојство на украинскиот претседател.

Тој им порача на децата од Украина дека треба да бидат неизмерно горди на својата земја, нивните родители, нивните семејства и нивните војници, а најмногу на самите себе.

„Многу од вас виделе или доживеале нешто на кое ниедно дете не смее да сведочи. Сепак, секојдневно не учите што значи да се биде силен и достоинствен, да ја држиш главата високо и во најтешките моменти. Не ми текнува подобар пример за децата и возрасните“, напиша британскиот премиер, а пренесува Sky News.

Според УНИЦЕФ, од Украина досега избегале два милиони деца, од кои повеќе од половина пристигнале во Полска.

„Не сте сами. Можеби сте одвоени од вашите пријатели дома, но имате милиони други ширум светот. Овде во ОК имаме украински знамиња на нашите домови, канцеларии, цркви, продавници и игралишта на мојот покрив во Даунинг стрит, каде што прозорците се полни со сончогледи нацртани од британски деца“, напиша Џонсон.