Градовите Мариупол и Харков беа цел на стотици воздушни напади во последните 24 часа од страна на руската војска. На 19-тиот ден од борбите, од почетокот на окупацијата до денеска во Мариупол се пријавени најмалку 2.500 убиени и илјадници повредени. Нападнати се станбени згради, болници и државни институции. Жената која беше извлечена од урнатините по гранатирањето на 9 март починала во болница во Марипол, а исто и нејзиното неродено бебе.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини руската страна за повторни напади на хуманитарните коридори во Мариупол. Тој го коментираше и нападот од вчера врз воената база кај Лавов, на 20 километри од границата со Полска, додавајќи дека сè додека не се затвори украинското небо, станува прашање на време кога Русија ќе ја нападне и Полска, членка на НАТО.

„Хуманитарните коридори во Мариупол повторно беа блокирани. Направивме сè што беше потребно. Направивме прекин на огнот. Руските војници блокираа автобуси за медицинска помош и евакуација. Но, ние ќе го направиме тоа повторно. Ќе направиме сè додека да создадеме можност да помогнеме“, рече Зеленски.

Во Харков е уништен поголем дел од инфраструктурата, а во последните 24 часа има непрестајни воздушни напади врз цивилни згради.

Во текот на денот пукотници се слушнале и на периферијата на Киев каде најмалку едно лице загинало. Во меѓувреме во Миколаев утринава беа пријавени 2 загинати и 10 повредени. Во Ирпин, каде пред неколку дена беше убиен новинар, сè уште има цивили. Си-Ен-Ен наведува дека во последниот разговор меѓу американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Зеленкси, украинскиот претседател повикал на поголем притисок врз Русија и построги санкции.

Зеленски упати ново барање до земјите од ЕУ, односно отворање на сметка од рускиот гас, средства кои според него, би биле земени за воени репарации кои Руската Федерација ќе биде обврзана да ѝ ги плати на Украина. Американскиот советник за безбедност Џејк Саливан ја предупреди Кина на сериозни последици ако Пекинг му даде воена помош на Путин. Американските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, претходно јавија дека Русија побарала воена помош од Кина, но таа денеска ги демантираше таквите информации, нарекувајќи ги ваквите вести, злонамерни и измислени од САД.

Адриан Керими