„Камино де лас Јунгас“, денес попознат како „Патека на смртта“, е еден од најопасните јавни патишта во светот и моментално главна туристичка дестинација во Ла Паз, Боливија.

Патот долг 64 километри некогаш беше единствениот што ги поврзуваше градовите Ла Паз и Короико во регионот Јунгас. Секоја година на него животот го губат од 200 до 300 луѓе, поради што во 1995 година е прогласен за најопасен во светот.

Поради ова име, се здоби со голема популарност низ целиот свет. Во меѓувреме е изграден нов пат кој оди по друга траса, а стариот во последните години се користи за туристички цели.

Денес најмногу го посетуваат велосипедисти и љубители на адреналин, а годишно го возат околу 25.000 туристи.

Локалниот туристички водич Диего Дел Карпио посочува дека пред да пристигнат на патот, прво го посетуваат светилиштето Апачета.

„Откако ќе ја добиеме дозволата, возиме со велосипед преку патот. Гледаме пејзаж од 180 степени и сведоци на формирање на глечери поради геолошките процеси и промените на времето“, објаснува Дел Карпио.

Спуштањето по овој опасен пат трае неколку часа, почнува од височина од 4.670 метри, а завршува на 1.100 метри во Јолоса.

Широк е речиси три метри, без ограда и се што би обезбедило каква било безбедност на автомобилите.

Најтешката сообраќајна несреќа во Боливија се случила во јули 1983 година токму на овој пат, кога автобус слетал во провалија, при што загинале 100 луѓе.