Харпер Џејкобо се родила во Небраска (САД), во 23-та недела од бременоста. Имала само половина килограм и била во доста тешка состојба. И покрај сѐ, оваа приказна има среќен крај…

Харпер и нејзината близначка Габриела се родени лани во февруари. Лекарите тогаш откриле дека Харпер нема целосно формиран хранопровод и мора итно да се оперира. Хирурзите успеале да ги поврзат двата дела на хранопроводот. Оваа состојба се нарекува езофагеална атрезија – релативно ретка појава што се јавува кај едно од 4.100 бебиња родени во САД.

Докторот Стивен Ротенберг истакна дека Харпер е најмалото бебе кое било во ваква состојба и успеало да преживее.

„Не е доволно само да им се заблагодариме на сите луѓе кои ни помогнаа во тешките мигови. Ќе им бидеме вечно благодарни!“, велат среќните родители Кајла Хеч и Виктор Џејкобо.

Утврдено е дека 23 недели е најраната возраст во којашто бебињата можат да преживеат надвор од матката, па близначките имале неверојатна среќа. Сепак, бебињата морале да минат извесно време на лекување.

Харпер беше оперирана четири недели по раѓањето. Првата година од животот ја минала в болница, по што конечно може да му се придружи на семејството. Габриела претходно е пуштена дома.