Димитар Бербатов имаше мало медиумско затишје во изминатите 30-тина дена, но сега со мало задоцнување, реши во својата најнова колумна за „Бетфер“ да направи целосна анализа за случувањата во Манчестер Јунајтед, ставајќи посебен акцент на засрамувачкиот пораз од Ливерпул во големото дерби.

Тимот на Солскјер беше декласиран на домашен терен и загуби со 0:5 од најлутиот и најголем ривал во Англија, резултат кој го натера Бербатов да донесе еден непопуларен заклучок поврзан за некогашниот сакан голгетер на Јунајтед кој сега ја врши улогата на менаџер на првиот тим.

– Јас сакам да ја гледам широката слика, ја гледам широката слика и велам дека има време да се поправи ситуацијата, но треба да се гледаат и фактите и тоа што следи. Ако се суди само според мечот со Ливерпул, Солскјер не е вистинскиот човек за да го извади тимот од оваа тешка ситуација, нема да го води клубот напред. За многумина фанови на Јунајтед, мечот со Ливерпул е најважен во сезоната, поважен од оној со Манчестер Сити. Повеќе сакаме да го победиме Ливерпул отколку Сити.

– Велам дека ја гледам големата и широката слика, има уште многу натпревари, но ако не победи на наредните три меча, Оле ќе биде во голема неволја. Слушнав дека неговата работа е засега сигурна, но ако загуби на следните натпревари, тешко дека некој ќе ја оправда неговата задача како тренер. Нема да бидам изненаден ако дознаам дека тие веќе бараат негова замена.

– Следат три тешки меча: Тотенхем на гости во Премиер лигата, Аталанта на гости во Лигата на шампионите и против Манчестер Сити дома. Имам убави чувства за Јунајтед и Солскјер поради повеќе причини, но треба да бидеме реални. Ако играат како против Ливерпул, ќе загубат и од Тотенхем. Ако загубат на овие натпревари, цела вина ќе се пренасочи кон менаџерот, – вели Бербатов кој смета дека Антонио Конте е на врвот на листата на Манчестер Јунајтед за наследник на Солскјер.

– Последните вести велат дека Конте е подготвен да го преземе Јунајтед ако се ослободи таа работа. Тој направи од Интер шампион, го направи Челси шампион. Има репутација на тренер кој напорно работи, ги тера фудбалерите да работат напорно. Сум го слушнал тоа повеќе пати. Тој беше во Англија и ја освои Премиер лигата, а можеби во Јунајтед е потребен тренер кој ќе воведе ред и дисциплина меѓу играчите. Тој не се двоуми да испрати некој на клупа, можеби тоа му е потребно на тимот. Знае како да се справи во голем клуб и сметам дека тој е прва опција на листата на Јунајтед, – завршува Бербатов.