Манчестер Јунајтед пред 20-тина години имаше сурова доминација во Англија. Фудбалерите на Јунајтед и денес, иако многумина во пензија, говорат за човекот кој „Црвените ѓаволи“ ги издигна на култно ниво кога станува збор за Премиер лигата – Сер Алекс Фергусон.

Овојпат Дејвид Бекам го фали влијанието на шкотскиот стручњак и се присетува на деталите кои не се директно врзани за теренот, но како и во секој клуб имале силно влијание на случувањата врз него.

„Фергусон не важеше само за најголемиот тренер со кој сум соработувал во кариерата, туку беше и татковска фигура од првиот ден во Јунајтед, а тогаш имав 11 години, се додека не заминав во Реал. Една од причините поради што игравме добро е неговиот прославен ‘ефект на фен’. За таков стручњак сакавте да ја пружите најдобрата верзија од себе, иако имаше ситуации за кои сметав дека претерува, што доведе до одредени проблематики“, го навраќа Бекам филмот.

На пример, во периодот кога бил глобално популарен, речиси секојдневно се дотерувал.

„Пред почетокот на натпреварот од Комјунити Шилд со Челзи во 2000 година на Вембли одлучив да ја променам фризурата. Ја избрав популарната ‘чироки’, иако бев свесен дека на Ферги нема да му се допадне. Толку се исплашив што не дозволив да види што сум направил, на ден пред мечот носев качулка, со неа се вратив во хотелот, се појавив така и на заедничката вечера и утрото на појадок. Ми беше на главата цело време додека патувавме на Вембли“.

Дојде моментот кога морал да се пресоблече, да облече дрес, шорц, копачки и со новиот имиџ да излезе на загревање.

„Штом ја симнав капата, Ферги почна да урла по мене: ‘Веднаш да се избричиш!!!’. Прво мислев дека се шегува. Се слушна: ‘Сериозен сум, веднаш да ја избричиш таа одвратна работа од главата’. Немав избор, почнав да барам ножици и буквално неколку минути пред да истрчаме на загревање, во тунелот на Вембли ја бричев ‘чироки’ фризурата“.

Три години подоцна, по поразот од Арсенал во ФА Купот, соблекувалната на Јунајтед сведочеше на еден од култните пресметки меѓу тренерот и „седумката“, иако самиот Бекам инсистира дека тоа што заработил неколку конци над левото око не било толку страшно.

„Тоа е малку преувеличено. Направив неколку грешки во текот на натпреварот, влеговме во соблекувалната, разменивме груби зборови. Тргна кон мене, шутна еден куп облека и обувки кои беа на подот. Меѓу останатото и една копачка. Веднаш сфатив колку неговиот удар во главата беше силен и прецизен, меѓутоа, потешки оштетувања немаше“.

„Навистина чудна незгода. Кога сме ние во прашање, истиот ден заборавивме што се случи, но приказната дојде до новинарите, што значи дека луѓето почнаа да го преиспитуваат нашиот однос. Што се однесува до мене и шефот, случај воопшто и немаше. Тоа е затворена книга“.

Затоа Фергусон е еден од најголемите. Се било под конец. Се знаело за ред, работа и дисциплина на „Олд Трафорд“. А денес е сосема друга песна.