Претседателот на САД Џо Бајден својот прв говор за состојбата на нацијата пред двата дома на Конгресот синоќа го започна со остра осуда на рускиот претседател Владимир Путин за неговата воена агресија во Украина и се закани дека ќе го заплени „нечесно“ стекнатото богатство на руските олигарси.

Демократијата и слободниот свет ќе победат над тиранијата, порача тој.

„Путин го наруши слободниот свет, мислеше дека ќе влезе во Украина и светот ќе се оттргне. Наместо тоа тој удри во цврст ѕид. Тој се соочи со украинскиот народ … Путин греши, ние сме подготвени и направивме коалиција, и заедно со ЕУ, Велика Британија и други земји како Јапонија, Австралија, Нов Зеланд па и Швајцарија, воведовме жестоки санкции за да го отсечеме од неговиот воен буџет“, рече Бајден.

Американскиот претседател се обрати и до руските, како што рече, корумпирани олигарси со порака „ќе го најдеме вашето нечесно стекнато богатство“.

Истакна дека Министерството за правда на САД оформило работна група која ќе ги истражува криминалите на руските олигарси.

„Заедно со нашите европски сојузници да ги најдеме и заплениме нивните јахти, луксузни станови, нивните приватни авиони. Но, исто така и го затвораме нашето небо за руските авиони“, рече тој.