Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува нов тежок дуел од Лигата на Европа, овојпат на домашен терен против Спортинг Лисабон.

Битолчани се наоѓаат во одлична форма, немаат пораз во последните четири кола (три победи и едно реми), низа што ќе се обидат да ја продолжат и во дуелот со португалскиот гигант.

„Моите играчите во Лисабон дадоа сè од себе, одиграа фантастичен натпревар. Иако го имавме последниот напад и можевме да победиме, и тие имаа офанзивен фаул во нивниот претходен обид. Во секој случај, играчите покажаа страшен карактер и фантастично го презентираа клубот, државата и себе си. Сите знаеме дека е тешко да се освојуваат бодови на гостински терен и знаеме колку е добар Спортинг. Што се однесува до вториот натпревар, нè очекува голема борба. Јас дури би рекол една ментална битка, мора да бидеме целосно фокусирани, а исто толку мора да бидеме ментално цврсти и спремни да го чекаме нашиот момент“, изјави тренерот Жељко Бабиќ.

На последните натпревари во извонредна форма се наоѓа Реиниа Табоада, кој веќе целосно се адаптираше во битолскиот клуб и почна да го прикажува она што се очекува од него.

„По првиот натпревар во Лигата на Европа, на кој не бевме склопени и беше почеток на сезоната, сега сме многу подобри и во одбрана и во напад. Делуваме како комплетна екипа. Спортинг е тактички добар тим, имаат одличен тренер и добри индивидуалци. Напорно и детално се подготвуваме за овој втор натпревар и верувам дека ќе освоиме два бода во Битола. Кога дојдов ми требаше адаптација на новата средина, тука е и бариерата со јазикот. Сега е полесно. По првите два месеци на прилагодување, сега сите детали се одлични. Соиграчите и тренерот ми помагаат, се чувствувам одлично и едвај ги чекам европските натпревари“, прокоментира Табоада.