„Епл“ објави дека повеќе нема да го произведува и продава својот музички плеер „Ајпод тач“ – уред што значеше своевидна „револуција“ во слушањето музика.

Првиот „Ајпод“ се појави 2001 година и можеше да собере илјада песни. А пак, денес има над 90 милиони песни на стрим-сервисот на „Епл“. Уредот е дизајниран од истиот тим кој подоцна го измислил „Ајфонот“, што набрзо го засени и го замени дотогаш популарниот музички плеер.

Компанијата последен пат „го освежи“ „Ајподот“ во 2019 година. Имаше уште неколку модели последниве години, вклучувајќи ги и „Нано“ и „Шафл“, но „Ајпод тач“, што се појави во 2007 година, е последниот „пензиониран“. „Епл“ ќе го продава уредот сѐ додека не се потрошат постојните залихи.

Инаку, првиот „Ајпод“ модел беше претставен од поранешниот шеф на „Епл“, Стив Џобс, пред 21 година.