Европски сертификат за вакцинација, европски сертификат за прележан КОВИД-19 или негативен резултат од ПЦР/рапид тест, заедно со пополнет PLF формулар и во следните две седмици се задолжителни за влез во Грција, согласно новата министерска одлука објавена во Службен весник, јави дописничката на МИА од Атина.

Актуелните правила се непроменети и продолжени до 7 март 2022 година, а меѓу другото важат и за државјаните на Северна Македонија.

Сертификатите за вакцинација и прележана болест, како и досега се со ограничено времетраење: за вакцинираните до девет месеци по завршувањето на имунизацијата или неограничено со примена бустер доза, а за прележаните до 180 дена по првиот позитивен тест.

Во Службен весник на Грција веќе е објавена новата министерската одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“, што стапува во сила утре и ќе важи до 7 март 2022 година во шест часот, а МИА детално ги пренесува правилата за патување кај јужниот сосед.

Влез во Грција е дозволен за посетители од државите членки на Европската Унија и Шенген зоната и за 33-те земји кои се вклучени во системот на ЕУ за дигитален сертификат (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), а меѓу нив и Северна Македонија, кои ќе треба да поседуваат европски дигитален сертификат за КОВИД-19, поврзан со вакцинација, прележана болест или негативен резултат по направен ПЦР или рапид тест.

За вакцинираните, сертификатот е валиден доколку се поминати 14 дена од втората примена доза и не повеќе од девет месеци по вакцинацијата, а за лицата кои примиле бустер доза не постојат ограничувања.

Европскиот дигитален сертификат треба да ги содржи основните лични податоци, име и презиме како што се наведени во пасошот, видот на вакцината, бројот на дози и датумот на примање.

Втората опција е со потврда за прележан КОВИД-19 по лабораториски тест со ПЦР метод или со брз антиген тест (рапид тест), а согласно министерската одлука, европскиот дигитален сертификат за прележана болеста се издава 14 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до180 дена од истиот.

Третата опција е со негативен тест, односно негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето во Грција.

Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), што треба да биде пополнет преку интернет страницата  https://travel.gov.gr