Серхио Кун Агуеро на болна и емотивна прес-конференција стави крај на својата играчка кариера, обраќање при кое не пропушти да посвети само пофални зборови за Барселона како клуб, иако на „Камп Ноу“ мина само неколку месеци.

Аргентинецот поради срцеви проблеми беше принуден да каже „стоп“ и да стави крај на професионалната играчка кариера, но угледните каталонски медиуми откриваат дека тоа го направил на свој начин, со класа потег и џентлменско однесување.

Агуеро ја воодушеви јавноста и при заминувањето од Манчестер Сити кога му подари автомобил на економот, а сега на заминување од Барселона, решил да заштеди милиони евра за Жоан Лапорта и неговите соработници.

Како што тврди угледниот „Спорт“, Агуеро се откажал од целата плата од втората година од договорот, додека се согласил да добие и значително помала плата од оваа првата која ја започна.

Според договорот, Агуеро можеше да биде целосно исплатен од клубот без оглед на пензионирањето, но покрај тоа што се откажал од средствата, и дозволи на Барселона симболичната сума од оваа година да му ја исплаќа на рати и одложено до месец јули наредната година.