Синоќа, во Македонската филхармонија се случи премиерата на филмот „Врба“ во режија на Милчо Манчевски.

На црвениот килим продефилираа многу препознатливи ликови од политичката и јавна сцена. По завршувањето на проекцијата, филмската екипа се поклони пред публиката, која на нозе со овации и френетичен аплауз ги поздрави. По проекцијата, на коктелот присутните имаа шанса и лично да им честитаат на брилијатните уметници, кои го создадоа овој маестрален филм, како што веќе светската критика го оцени, по премиерата на Римскиот филмски фестивал.

Од синоќа филмот е на редовен репертоар во скопските кина Синеплекс и Милениум, а филмот се прикажува и во Битола, Штип, Охрид, Кичево, Струга. Од 4 ноември почнува да се прикажува во Прилеп и Свети Николе, во Гевгелија од 9 ноември, Кочани и Македонска Каменица од 14 ноември, а во преговори се прикажувања на филмот и во останатите градови од земјава.

Во актерската екипа се: Петар Мирчевски, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристески Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ… Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс.

На црвениот килим прошетаа и претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска.

-Сторијата за мајчинството, љубовта и довербата е врвно уметничко дело и како што вели самиот автор, знае да те допре, расплаче, насмее или налути.

Честитки до маестро Манчевски и актерската екипа! “-напиша Пендаровски на ФБ.

Фото: Борис Каевски