Индонезиските спасувачи трагаат по патници заробени во минибус затрупан во кал по поројните поплави и лизгање на земјиштето кои ги погодија неколку локации во Северна Суматра, при што загинаа најмалку 27 лица, изјави официјален претставник во четвртокот.

Поројните дождови кои паѓаат во провинцијата од минатата недела предизвикаа огромни поплави и лизгање на земјиштето во четири различни области, соопшти индонезиската агенција за катастрофи.

Во лизгање на земјиштето во село во Дели Серданг во средата загинаа седум, а беа повредени 20 лица, изјави за Ројтерс портпаролот на полицијата во Северна Суматра, Хади Вахјуди.

Спасувачите трагаат по исчезнати лица, вклучително и заробени во минибус и други возила на ридскиот меѓупровинциски пат погоден од лизгање на земјиштето, рече портпаролот.

На друго место, спасувачите пронајдоа 20 мртви луѓе за време на потрагата што започна во текот на викендот. Се уште се трага по двете исчезнати лица.

Обилните дождови предизвикаа поплави и во главниот град на провинцијата Медан, што го одложи гласањето за регионални избори во некои избирачки места.

Во Индонезија на крајот на годината се очекуваат екстремни временски услови, со зголемени количеството на врнежи низ тропскиот архипелаг, предупреди локалната метеоролошка агенција.

Текстот Поплави и лизгање на земјиштето во Индонезија, најмалку 27 загинати е превземен од МАКФАКС.