Во рамки на првиот летен фестивал „Summerland“ кој се одржува под покровителство на Град Скопје, вечер и утревечер на Школка во Градски парк ќе бидат прикажани два македонски филма.

Од 21 часот вечер е новиот филм на Теона Стругар-Митевска – „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, а утре од 21.30 часот ќе биде прикажан првиот долгометражен филм на Вардан Тозија – „Џган“. Проекциите на отворено се бесплатни и ги организираат Младинскиот културен центар и кино „Милениум“.

Минатата година во јуни скопјани имаа можност на отворено да ги видат  „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески и документарецот „Avec l’amour“ на Илија Цветковски, а во септември беа прикажани и „Ирационален човек“ на Вуди Ален  и „Големата убавина“ на Паоло Сорентино.

-Бесплатните филмски проекции привлекоа стотици посетители во Градскиот парк и ја збогатија летната културна понуда. Град Скопје, МКЦ и кино „Милениум“ и овојпат ветуваат забавни вечери на отворено, со добри филмови. Во паркот се наместени меки фотелји, а посетителите може да си понесат и камперски столчиња, ќебиња, храна и пијалаци, соопшти Град Скопје.