Министерот за култура, Хусни Исмаили денеска се сретна со координаторот на програмската канцеларија на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) – Скопје, Ајтекин Ајден.

Како што соопшти Министерството за култура, Исмаили истакнал дека донациите на ТИКА и на Република Турција се потврда за поддршката и за одличната соработка со нашата земја во сите сфери, а особено во заштитата на културното наследство.

На средбата се разговарало и за идните можности за соработка меѓу Министерството за култура и ТИКА, како и за инвестициите и поддршката од ТИКА за националните установи од областа на културата.

-За да придонесе за зачувување на заедничкото историско наследство и за развој на
македонскиот културен туризам во земјава, ТИКА во изминатите години почна со реставрација на историското наследство и на многу џамии. Во изминатиот период, со поддршка од ТИКА, завршени се повеќе значајни проекти од областа на културата, меѓу кои и: реконструкцијата на Спомен-куќата на семејството на Кемал Ататурк во Коџаџик, конзервацијата на Мамут-ага џамија во Радање –
Карбинци, адаптацијата на Воска амам во Охрид во изложбен простор, конзервацијата на Турбето на Синан Челеби на Плаошник, Зејнел Абедин-паша теќе во Охрид – шадрван и партерно уредување, конзервацијата на Мустафа Челеби џамија во Струга, археолошките истражувања во Султан Муратовата џамија во Скопје, реновирањето на Спомен-собата на Кемал Ататурк во Битола, непосредна заштита на
Стариот амам во Тетово, конзервацијата на Мустафа-пашината џамија – Скопје и други проекти, се вели во соопштението од Министерството за култура.

На средбата била споделена и информацијата дека е во тек реставрацијата на Алаџа џамијата и Султан Муратовата џамија во Скопје, дека е завршена реставрацијата на Хусеин шах џамијата во Општина Сарај, додека, пак, за Арабати баба теќе во Тетово е во тек изработката на проект за негова реставрација.

Турската интернационална агенција за обнова и развој (ТИКА), која денеска има 61 канцеларија во 59 земји и реализира проекти во над 170 земји, во 2005 година ги почна своите активности во Република Северна Македонија каде што реализираше околу 1 000 проекти во повеќе сектори – од образованието до здравството, од социјално-културната соработка до земјоделството и сточарството – со буџет од 100
милиони долари.