„Глорија – концерт за душа“ е насловен концертот на Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ со диригентката Летка  Димовска-Полизова, кој во рамки на „Скопско лето“ ќе се одржи вечер од 20.30 часот во Куршумли ан.

Ќе настапат и камерниот гудачки состав „Пламенка Трајковска“, џез-триото: Иван Еминовиќ – пијано, Дејан Митровиќ – бас гитара и Матрина Баракоска – тапани и четворица вокални солисти: Катерина Стојановска, Мартина Аврамовска, Васил Гарванлиев и Јасмина Димитровска.

Концертот е насловен по „Глорија“ на Вивалди која е на програмата заедно со композиции од други автори на класична и на џез-музика.

Женскиот камерен хор  „Св. Злата Мегленска“ е формиран во 1996 година при Македонската православна црква. Основач, диригент и уметнички раководител на хорот е Летка Димовска-Полизова. Хорот е составен од 22 женски вокали, повеќето од нив млади академски образовани музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и од други државни факултети во земјава.

Во 22 години концертна и фестивалска дејност, хорот „Св. Злата Мегленска“ има освоено награди и признанија во повеќе европски земји, како и во САД и Канада, и имал настапи во најпознатите катедрали во светот, концертни сали, оперски куќи, национални музеи.